Два дена по освоеното второ место на Европското младинско првенство Б-дивизија и пласманот во елитната конкуренција, селекторот на македонската репрезентација Никола Василев уште ги сумира впечатоците од она што се случуваше.
Задоволството секако е големо, по 17 години, Македонија повторно ќе игра во А-дивизијата, а позитивно е тоа што половина од кошаркари кои го изборија пласманот во неа, имаат право на настап и идното лето. Василев е задоволен од ангажманот на кошаркарите и има само комплименти за нивниот настап, а во секој од нив гледа потенцијален сениорски репрезентативец на Македонија.
„Од ростерот кој играше на Европското првенство можат да израснат стандардни репрезентативци во А-тимот во иднина. Сепак, тоа зависи од самите нив. Јас им напомнав и посочив дека мораат да работат на себе, да се усовршуваат и напредуваат бидејќи само така ќе станат квалитетни кошаркари.

Инаку, сакам да им се заблагодарам на овие 12, пред се, одлични личности па потоа и играчи, но и на сите други кои учествуваа во подготвителниот период на репрезентацијата“, изјави Василев за КОШ.МК.
Впечаток е дека оваа селекција, иако во своите редови имаше кошаркари од три генерации (2003, 2004 и 2005) поседуваше нешто што останатите го немаа и тоа беше клучно за големиот успех – второто место на Европското првенство.

„Тоа е хемијата во тимот, тимската игра. На секој натпревар имавме различни лидери и сите се ставија во функција на колективот со единствена цел – задеднички успех“, додава 39-годишниот стручњак.
Со второто место заврши летната приказна на младинската репрезентација. Догодина ќе имаме можност да ја гледаме оваа селекција во најсилната конкуренција, против најквалитетните репрезентации во Европа.