Евролига денеска го објави распоредот на натпреварите за новата сезона која се очекува да биде уште поинтересна од минатата.
Веќе првото коло нуди една пеколна пресметка, меѓу најголемите ривали во грчката кошарка Панатинаикос и Олимпијакос. ПАО ќе биде домаќин, а дуелот дополнително ќе го предизвика вниманието поради неодамнешниот трансфер на Костас Слукас од редовите на Олимпијакос во Панатинаикос кој предизвика огромен гнев во Пиреја. Летово, ПАО направи целосен ремонт на екипата и го ангажира Ергин Атаман за нов тренер, додека Олимпијакос, освен без Слукас, остана и без својот најдобар кошаркар Александар Везенков кој потпиша договор со Сакраменто Кингс.
Српските ривали Партизан и Црвена Звезда ќе се сретнат во петтото коло, на 26 октомври и потоа во 19. на 4 јануари 2024 година. Во истите тие два круга се среќаваат најголемите шпански гиганти Барселона и Реал Мадрид.
Новата сезона во Евролигата стартува на 5 октомври, први на терен излегуваат Црвена Звезда и Асвел, а лигашкиот дел останува непроменет, со 34 кола. Ќе има седум „двојни“ недели, основниот дел завршува на 12 април, плејинот е закажан за периодот од 16 до 19 април, а плејофот стартува на 23 април. Завршниот турнир ќе се игра од 24 до 26 мај во Берлин, титулата ја брани Реал Мадрид.
Комплетниот распоред можете да го преземете на следниот ЛИНК.