Откако стана јасно дека АБА ќе мора преку квалификации да го одреди последниот, 14. учесник во втората лига на оваа организација, односно клубот што ќе добие специјална покана, се врати интересот и на Феникс за место во неа.
Финалистот во Купот на Македонија прв изрази интерес за учество во АБА 2 лигата, но со оглед на тоа што се пријавија пропласираните три екипи на табелата во домашното првенство: МЗТ Скопје како испаднат од АБА 1, потоа Пелистер и ТФТ Моцарт, за клубот од Гази Баба немаше место по редовен пат. Сега ситуацијата се менува, веќе се јавија неколку заинтересирани кои сакаат да платат за специјалната покана, па Феникс гледа шанса, сепак, да се најде во регионалното друштво.
„Следејќи го развојот на Јадранската лига, би сакале да ни овозможите да бидеме дел од АБА 2 лигата во сезоната 2023/24. Ние сме млад клуб кој остави силен впечаток во македонското првенство бидејќи со најмлад тим, стигна до финалето од Купот на Македонија.
Нашиот тим, претежно го сочинуваат кошаркари под 20-годишна возраст, предводени од еден од најдобрите млади играчи во земјата Андреј Митревски“, пишува во писмото од Феникс до АБА лигата.
И тоа не е се, скопскиот клуб е подготвен да ја преземе и организацијата на квалификацискиот турнир за пласман во АБА 2 лигата. Неофицијално, на место во квалификациите се надеваат четири клуба: босанските Босна и Спарс, словенечката Илирија и српската Војводина.