Еден од македонските репрезентативци со најдолг интернационален стаж Стојан Ѓуроски, како и обично, во одлично расположение ги очекува следните предизвици на националниот тим.
Гостиварецот секогаш со задоволство ги прифаќа повиците за настап во репрезентацијата, па така е и овојпат кога неколку важни играчи, од оправдани причини, мораа да го откажат својот настап. На почетокот од подготовките, Ѓуроски ги пренесува очекувањата за она што следува.
„Ни претстојат тешки натпревари бидејќи за противници имаме три исклучително силни репрезентации. Дуелите ќе бидат од големо значење за нас за она што следува натаму – квалификациите за Европското првенство и мислам дека ова ќе биде добра подготовка и треба да се претставиме во најдобро светло. Верувам дека можеме добро да се подготвиме и да го покажеме целиот наш потенцијал“, вели Ѓуроски.
Во моментов, тој е без клуб, но има неколку понуди од земјава и странство, па можно е до турнирот во Талин да биде сменет неговиот статус.