И покрај тоа што два пати е прогласен за МВП на основниот дел од сезоната и еднаш во НБА финалето и има една титула со Денвер Нагетс, Никола Јокиќ се уште не е најдобар европски кошаркар во историјата, според Тони Кукоч.
Поранешниот хрватски ас и троен шампион со Чикаго Булс смета дека играчите од неговата генерација оставиле длабока трага иако е сигурен дека до крајот на кариерата Јокиќ ќе ги стигне.
„Никола е супер, јас за него зборував уште пред 5-6 години. Ми се допаѓа неговиот стил, а со неговото познавање на кошарката и IQ го надополнува атлетицизмот што му недостасува.
Неговата кариера уште не е ни на 50%. Ќе биде ли статистички најдобар европски кошаркар? Веројатно ќе биде. А, дали е најдобар? Мислам дека Дражен, Дино, Дивац и Сабонис направија работи кои тој уште не ги достигнал иако верувам дека ќе успее до крајот на кариерата.
Реално, да дојдеше Сабонис во НБА на 24 години или Дражен или Дино или јас… Луѓе, да гледавме во тоа време НБА на телевизија, сигурно ќе бевме многу подобри. Но, споредби мене ми се непотребни, особено кога станува збор за кошаркари од различни генерации. Да заклучам, квалитетот и величината на Јокиќ воопшто не се доведени во прашање“, смета Кукоч.
Тој е втор најтрофеен европски кошаркар во НБА со три шампионски титули (зад Тони Паркер), a во Чикаго дојде не на 24, туку на 25 години. Дивац беше во Лејкерс на 21 година, Дражен отиде на 25, а Раѓа на 26. Единствениот од овие кои ги спомна што „задоцнија“ со заминувањето во НБА е Сабонис кој преку океанот се пресели на 31 година.