Надежта која вчера селекторот на македонската репрезентација ја истакна во врска со случајот со Андреј Јакимовски, денеска веќе не постои.
Кошаркарот на Вашингтон Стејт Универзитетот ќе ги пропушти олимписките претквалификации што ќе биде хендикеп за нашиот национален тим. Александар Јончевски веруваше дека може да се најде заеднички јазик со универзитетот, но проблемот е малку поголем отколку што се претпоставуваше.
„По неколкунеделни разговори со тренерот на Вашингтон Стејт Универзитетот, дојдовме до заклучок дека не е возможно Јакимовски да игра за репрезентацијата. Не е проблем само тоа што не го пушта да настапи, туку медицинскиот тим строго препорачува тој да земе тринеделен одмор, период кој се совпаѓа со нашите подготовки за претквалификациите. Нашиот кошаркар официјално нема повреда, туку влече нешто од минатата сезона кое во моментов му создава пречки.
Да знаевме порано дека е ваква ситуацијата, ќе повикавме други кошаркари на кои планираме во следните циклуси, како Лејсон Зеќири или Бобан Стајиќ… Голем дел од 18-те повикани откажаа или се повредија последната недела пред стартот на подготовките на репрезентацијата и тоа не ни остави време да реагираме. Немаше да биде фер кон останатите да ги повикаме во последен момент“, изјави Јончевски за КОШ.МК.
Во ситуација кога Чешка и Естонија се соочуваат со проблеми во тимот, евентуален настап на Јакимовски, заедно со играчи како Димитријевиќ, Шортс, Војдан Стојановски… дополнително ќе ги зголемеше шансите на македонската репрезентација за едно од првите две места во групата во која е уште Израел. Во Талин нема да играат ни Бојан Крстевски, Христијан Николов, Андреј Митревски, а неизвесен е настапот и на Мекиќ и Мемед.