Денеска и официјално Александар Јончевски и Кожув потпишаа раскин на соработката откако актуелниот селектор на македонската репрезентација поднесе оставка по саботниот пораз од Академија ФМП.
Трофејниот стручњак го презеде гевгелискиот клуб во јануари годинава и минатата сезона имаше одлични резултати, а го однесе тимот и во завршницата од Купот и во плејофот од првенството каде му даде сериозен отпор на МЗТ Скопје. Оваа сезона ситуацијата не беше толку идилична и Кожув во моментов се наоѓа на десеттата позиција на табелата со биланс 2/6. Тоа и доведе до одлуката на Јончевски да го заврши својот втор мандат во Кожув кого го водеше и од 2018 до 2021 година.
„Денеска официјално потпишавме раскин на договорот, на моја иницијатива. Сметав дека е коректно и достоинствено да го направам тоа затоа што од управата на Кожув добив одврзани раце во изборот на кошаркари, дури можев и да направам смени во играчкиот кадар во досегашните два месеца. Цврсто верував во играчите и затоа сега ја презедов одговорноста. На Кожув му посакувам се најдобро во иднина“, изјави Јончевски за КОШ.МК.
Во текот на летото, Кожув направи ремонт на играчкиот кадар и освен странските играчи, донесе уште неколку сегашни, поранешни и потенцијални репрезентативци на Македонија. Во Гевгелија се врати Димитар Караџовски, а тимот го засилија Дарио Митевски, Димитар Пандев и Павел Иванов.