На два дена пред заминувањето за Талин, на олимписките претквалификации, македонската репрезентација ги доби противниците за претстојните квалификации за Европското првенство во 2025 година.
Нашиот национален тим се наоѓа во група со Полска, Литванија и Естонија, а ќе се бори за прв пласман на континентален шампионат по точно една деценија. Полска има обезбедено учество на првенството бидејќи е ко-домаќин, заедно со Летонија, Финска и Кипар, а тоа малку ги комплицира работите во групата. Сепак, селекторот Александар Јончевски верува во добар резултат во квалификациите иако е свесен дека тоа е условено од некои фактори.
„Реално, не бевме многу оптоварени со ждрепката и тоа кои ќе ни бидат противници откако ги видовме шеширите. Јасно ни беше дека ќе бидеме со три подобри рангирани репрезентации и шансите ќе ги бараме против следната подобро рангирана, а тоа е Естонија.

Системот, според кој една репрезентација во групата е домаќин на Европското првенство и го има обезбедено учеството е тотално непопуларен, таква беше ситуацијата и во претходните квалификации, па ни е добро позната и верувам дека овојпат ќе го искористиме тоа во наша полза.
Естонија ни е должник од претходниот циклус, а секако ќе ги одмериме силите и на претстојниот претквалификациски турнир за Олимписките игри каде ќе биде домаќин. Литванија секако е главен фаворит, а и Полска која беше четврта на последното Европско првенство и има одлична генерација. Единствено на што се надеваме е да се појавиме во комплетен состав на сите ФИБА прозорци кои претстојат во квалификациите бидејќи секој натпревар ќе биде одлучувачки“, изјави Јончевски за КОШ.МК.