Македонската кошаркарска репрезентација денеска ги почна подготовките за претквалификацискиот турнир за Олимписките игри во 2024 година.
Нашиот национален тим ќе биде во групата во Талин, заедно со домаќинот Естонија, потоа Израел и Чешка, а турнирот се игра во периодот од 12 до 20 август. Селекторот Александар Јончевски пред почетокот на подготовките објасни каква е ситуацијата во репрезентацијата која на почетокот се соочи со неочекувани проблеми.
„Последен пат Македонија се натпреваруваше на ваков предолимписки турнир во 2012 година, памтам бидејќи и тогаш бев дел од стручниот штаб на репрезентацијата. Многу тешко натпреварување, со оглед на тоа што само 12 селекции ќе се пласираат на Олимписките игри, но добра можност да ги одмериме силите со посилни ривали со кои можеби ќе играме и во квалификациите за Европското првенство.
Имаме тринеделни подготовки, ќе се подготвуваме во Скопје и закажавме две контролки со Полска во Белград, единствени дуели на кои би можеле да видиме до каде сме. Првата недела ќе бидеме некомплетни бидејќи ќе отсуствуваат играчите што имаат обврски кон своите нови клубови како лекарски прегледи и слично, но верувам дека од идната недела ќе бидеме комплетни.

Имаше откажувања, неделава имавме уште неколку непланирани, но тие играчи кои ќе се јават во овој циклус, се надевам дека ќе ја искористат шансата. Крстевски нема да игра од приватни причини, се повредија Андреј Митревски, Мекиќ и Мемед, а последниот што го одби повикот е Андреј Јакимовски од кого јас се уште не сум се откажал бидејќи сметам дека со разговор со неговиот тренер во Вашингтон Стејт, можеме да најдеме решение и тој да се најде на конечниот список на кошаркари.
Овие претквалификации ќе ни бидат мерило до каде сме бидејќи главна цел ни е пласман на Европското првенство во 2025 година. Сега ќе можеме да спарингуваме со вистински противници кои ќе ни бидат конкуренција во квалификациите за континенталниот шампионат“, рече селекторот.
Ова е прва репрезентативна акција од февруари годинава кога завршија претквалификациите за Европското првенство.