Ден по елиминацијата од олимписките претквалификации чиј турнир се одржуваше во Талин, селекторот на македонската репрезентација Александар Јончевски го анализира она што се случуваше на теренот во естонската престолнина.
Македонија претрпе три порази, сите двоцифрени што е дочекано на нож од домашната спортска јавност иако селекторот се соочи со многу проблеми околу составувањето на тимот. Одамна се зборува дека на сцена стапува нова генерација, но поради различни причини и фактори, резултатот се уште изостанува. За тоа е свесен и Јончевски кој е брутално искрен и реален во врска со актуелната состојба во македонската кошарка.
„Додека сите други екипи имаа играчи од најсилните светски лиги, ние имавме огромни проблеми и да го составиме тимот по многубројните откажувања. Па така шанса за настап добија играчи, многу поголема и од онаа која ја имаат во нивните матични клубови.
Можеби тоа е и најголемиот проблем, каде дел од нашите стандардни , а сега и потенцијални репрезентативци не добиваат доволно простор каде би можеле да напредуваат, а со тоа и самата репрезентација. Некои од нив ги одиграа и првите минути во сениорска репрезентативна кошарка оваа сезона. Верувам дека од овој турнир ќе извлечеме огромна поука, не само ние во стручниот штаб, туку и самите играчи. А тоа е дека во моментов сме далеку од квалитетот на репрезентациите со кои сме биле рамо до рамо, некогаш и многу подобри. Треба да сфатиме дека тоа време помина, и дека сега е времето на новата генерација која треба да даде резултат во наредниот период.
За да се случи тоа треба огромна работа, пожртвуваност и желба од страна на потенцијалните репрезентативци, а секако и услови во клубовите во кои настапуваат“, смета Јончевски.
Факт е дека во последните 5-6 години, македонската репрезентација ниеднаш не била комплетна на еден натпревар и како по правило, секогаш недостасувал некој од “главните“ играчи. Желбата, а и надежта кај сите е барем во квалификациите за Европското првенство во 2025 година да се појават сите кошаркари бидејќи евентуален неуспех во нив ќе не натера да чекаме на настап до 2029 година, а тоа е огромен период.