На една недела пред почетокот на Европското првенство, македонската машка кадетска репрезентација е во последната фаза од подготовките.
Селекцијата која веќе трет пат во низа игра во А-дивизијата, вторпат на домашен терен ќе се обиде да оствари колку е можно подобар пласман, пред се опстанок во оваа конкуренција. Селекторот Александар Јованчев ја пренесува атмосферата која владее во репрезентацијата.
„Влегуваме во завршна фаза од подготовките за Европското првенство. Зад нас е долг подготвителен период од 36 дена. Во него одигравме 4 контролни средби со широк состав од 16-18 играчи и веќе добиваме некоја слика за конечниот состав иако имавме и имаме големи проблеми со повредени играчи.

Тројца кошаркари не ги почнаа подготовките, Тодор Делипетров (Италија) доживеа скршеница на раката непосредно пред почетокот на подготовките, Стефан Сапрановски поради периодот на рехабилитација по тешката повреда на лигаментите на коленото на крајот од сезоната и Марио Симиќ (повреда 2 дена пред почеток на подготовки – дислокација на чашка на колено) кој почна да тренира со екипата пред 2 дена. Неговата желба да настапи е голема и го посвети цело лето на рехабилитација, а дали и колку ќе биде подготвен да настапи ќе знаеме во следните неколку дена. Со оглед на тоа што е единствениот висок играч (211 сантиметри) неговото евентуално отсуство ќе биде голем минус за целата репрезентација. Постој ентузијазам и желба и кај него и кај нас и тоа е најбитно во моментов. Никола Јаничиќ одработе само неколку тренинзи со нас поради настапот на јуниорското Европско првенство и него го очекуваме на 1 август“, вели Јованчев.
Викендов, нашите кадети ќе ја имаат генералната проба бидејќи им претстои силен турнир во Скопје со уште три исклучително квалитетни репрезентации.

„Ни претстои силен турнир кој почнува денеска, а на кој ќе учествуваат Израел, Грција и Шпанија. Ќе имаме можност да видиме како функционираме против овие силни селекции.
Во однос на Европското првенство, ја имаме најтешката група: Франција (3 место во 2022 година), Литванија (шампион во 2022) и Белгија. Тоа за мене и стручниот штаб претставува огромен предизвик, се обидуваме истото да им го пренесеме на репрезентативците за да дадат се од себе на првенството во Скопје. Опстанок во елитата би бил голем успех. Наша цел е да одиграме најдобро што е можно и достојно да го браниме националниот дрес“, додава младиот стручњак кој во 2018 година ја однесе М16 репрезентацијата во А-дивизијата.