Македонската јуниорска репрезентација ја продолжи серијата порази на Европското првенство Б-дивизија во Португалија.
Во претпоследниот меч на шампионатот, нашата селекција загуби од Естонија со 90-99 и утре ќе се бори за пласман на 15. позиција што е далеку од очекувањата и желбите од пред почетокот. Иако Македонија одигра добро во нападот, ова беше меч на кој репрезентацијата прими најголем број поени на првенството.
Естонците доминираа во најголем дел од денешниот меч, во шестата минута веќе имаа двоцифрена предност (16-6), а со мали осцилации, така беше до крајот на првото полувреме имајќи предвид дека на голем одмор противникот замина со 51-41. Драматично стана во третиот период кога Македонија ја анулираше негативата, дури и поведе со 67-65 и се заканнуваше да направи пресврт.

Естонија, сепак, брзо ја врати контролата над резултатот иако предноста беше лесно достижна. На три минути пред крајот беше 84-82 за балтичката селекција по што следуваше финалниот удар и серијата од 13-2 со која Естонија го скрши отпорот на нашите кошаркари.
Грегориј Јакимовски го одигра својот најдобар натпревар на првенството, постигнувајќи 30 поени со само едно промашување од игра (8/8 за два, 1/2 за три) и 11/12 од линијата за слободни фрлања. Покрај него, се истакна и Марко Луканоски кој постигна 24 поени и 9 скока, повторно недоволно за победа на Македонија. Утре нашата селекција го игра последниот натпревар на првенството по што ќе се знае дали ќе го освои 15. или 16. место, а противник ќе биде Украина.