Македонската јуниорска репрезентација доживеа пораз и во вториот натпревар од Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Матосињос.
По синоќешниот неуспех во дуелот со Велика Британија, денеска нашите млади кошаркари загубија од Австрија со 74-77 и со оглед на останатите резултати од групата, немаат повеќе шанси да се пласираат во четвртфиналето, со тоа и да се борат за медал, односно пласман во А-дивизизијата.

Болката поради поразот е уште поголема поради одличниот старт на мечот на македонската репрезентација. Веќе во првата четвртина создаде двоцифрена предност (26-16), а во вториот квартал ги достигна највисоките +17 (36-19). И место да го нокаутира грогираниот противник, Македонија му дозволи да се врати во игра и до крајот на натпреварот да направи пресврт за победа која веќе ја носи Австрија во меѓу осумте најдобри на првенството.
Со серија од 10-0, Австријците се доближија на 29-36, на полувреме беше 38-33 за Македонија, но нашата репрезентација и во третата четвртина успеа да направи двоцифрена разлика (49-36). И повтрорно му дозволи на противникот со 9-0 да се доближи на -4 (45-49), пред крајот на четвртината и да поведе со 58-56.

И покрај осцилациите, на половина од последниот период Македонија сепак имаше +5 (70-65) и можност да се избори барем за продолжение бидејќи на седум секунди пред крајот беше 74-74. Претходно, двете репрезентации не искористија неколку напади, а потоа Шошкиќ го фаулираше Костиќ кој погоди само едно слободно фрлање, но и ја прифати одбиената топка, пак беше фаулиран и потоа два пати беше прецизен од линијата.
Шошкиќ беше убедливо најдобар играч во македонската репрезентација и на чекор од трипл дабл со 27 поени, 10 скока и 9 асистенции и индекс 39. Двоцифрени беа уште Иванов и Луканоски со по 14 поени, но двјцата мораа порано да го напуштат теренот поради пет лични грешки. Утре е слободен ден на првенството, а во вторникт нашата селекција игра против Норвешка.