Третиот натпревар од финалната серија во македонското првенство се игра вечерва во Битола каде Пелистер ќе го пречека МЗТ Скопје во обид да се избори за продолжување на сезоната.
Бранителот на титулата доаѓа со предност од 2-0 и ако вечерва слави, ќе дојде до десеттата шампионска титула во својата историја. Ги има сите услови за тоа бидејќи освен што е поквалитетен од својот ривал, нема пораз од македонска екипа од почетокот на февруари.
Освен сето ова, играчите на МЗТ Скопје ќе имаат императив да победат за да стават крај на исклучително напорната сезона во која досега одиграа 57 официјални натпревари и поминаа низ многу турбуленции. Не успеаја да се изборат за опстанок во АБА лигата, но во македонската кошарка веќе освоија два трофеја, а на пат се да дојдат и до најважниот.
На Пелистер не би му пречело да продолжи оваа сезона во која и овој клуб помина низ низа премрежија, но сепак оствари уште неколку историски успеси и испиша важни страници. Лани во финалето успеа да слави на еден натпревар, па никој во клубот нема против барем да се повтори тоа. Третиот меч од финалето се игра во 18:30 часот.