Долго време, кошаркарската школа на Работнички беше синоним за квалитет во Македонија и од неа излегоа некои од најдобрите играчи во историјата на нашата држава.
Пред нешто повеќе од една деценија, влезе во голема криза, немаше резултати, немаше план, а немаше ни кошаркари со квалитети подоцна да играат на врвно ниво во сениорска конкуренција. Работите полека се менуваат, Андреј Апостолски Лечиќ „извади“ неколку играчи кои полека стануваат стандардни во првиот тим, а неговите соработници Нермин Пепиќ и Оливер Тасков продолжуваат по тој пат.

Во школата повторно има талентирани кошаркари меѓу кои, сезонава се истакнува 15-годишниот Алексеј Нешовиќ. До минатата сезона беше член на Вардар, но одлучи да се пресели во Работнички и засега тоа се покажува како правилен потег.
Нешовиќ блеска во кадетското првенство на Македонија каде неговиот досегашен просек изнесува 25 поени на натпревар, а рекордот го оствари против Борец, постигнувајќи 45. Иако е само неколку месеци во Работнички, веќе се наметна како лидер на екипата, предводена од Нермин Пепиќ, а за своите одлични изданија, веќе доби награда со тоа што е унапреден во вториот тим кој се натпреварува во Втората лига и во кој има солидна минутажа.

Алексеј Нешовиќ е од позната кошаркарска фамилија, татко му Борис имаше блескава кариера во Работнички, МЗТ Скопје, Кочани Деликатес, Куманово итн. и остави длабока трага во македонска кошарка кон крајот на минатиот и почетокот на овој век. Професионален играч беше и неговиот чичко Ненад Нешовиќ кој исто така ја помина школата на Работнички и освои неколку шампионски титули во македонското првенство, а и други членови на пошироката фамилија на Алексеј беа активни во и околу кошарката.
Во генерацијата на Нешовиќ има уште неколку талентирани кошаркари кои можат да бидат иднина на Работнички. Пред се, квартетот играчи, родени 2009 година: Дино Беговски, Стефан Илиев, Теон Бошковски и Александар Сотир кои настапија за македонската У14 репрезентација на меѓународниот турнир во Скопје, во рамките на проектот „Заедно до 16“.