Иако САД се лулка на кошарката, а репрезентацијата на оваа држава доминантна сила во светската кошарка, ниеднаш во 73-годишната историја на Мундијалите, Американците не биле најтрофејни на овие натпреварувања.
Првата титула ја освоиле во 1954 година, а на втората чекале 32 години, до 1986, кога СССР веќе имаа три трофеи. Ова, најмногу се должи на фактот што до 1994 година за американската репрезентација на големите натпреварувања не учествуваа кошаркари од НБА, туку само „аматери“, односно играчи од колеџ-екипите. Таа 1994 година првпат настапија ѕвездите од најсилната светска кошаркарска лига, т.н. Дрим-тим 2 и на доминантен начин ја освоија третата титула во историјата.
Сепак, на првенствата што следуваа, САД не играа со најдобрите играчи во НБА, за разлика од олимписките игри, па повторно чекаа 16 години за да дојдат до четвртиот триумф. Во 2014, првпат се случи Американците да ја одбранат титулата на светските првенства за на претходниот Мундијал да го забележат најлошиот пласман во историјата – седмото место.
Првенството што почнува утре е нова шанса, САД да станат најтрофејна репрезентација во историјата на овие шампионати. Повторно имаат далеку од најдобар можен состав, но проблемите што ги имаат другите селекции ги прават фаворити за златото. Во моментов, Американците го делат првото место со Југославија (СФР и СР) со по пет пехари, а покрај овие две репрезентации, титулата светски шампион ја освојувале само уште СССР (три пати), Бразил (2), Шпанија (2) и Аргентина (1).