Во своето 15. учество на светските првенства, репрезентацијата на Канада го освои првиот медал и со тоа го искористи фактот што првпат играше со своите најголеми ѕвезди.
Во мечот за третото место, Канаѓаните беа подобри од своите соседи Американци со 127-118 по продолжение и дома се враќаат со бронзата. Ќе има дебата дали можеа повеќе, со оглед на тоа што селекторот имаше на располагање еден куп НБА ѕвезди, но тоа ќе биде лекција за Олимписките игри во Париз идното лето.

Денешниот натпревар повеќе наликуваше на НБА Ол стар меч, се играше без одбрана, па оттука и толкав број поени, макар и по 45 минути игра. По основните 40, резултатот беше 111-111, благодарение на тројката на Бриџис на шест десетинки пред крајот на мечот. Во продолжение, Американците снемаа сили што беше и очекувано ако се знае дека играа без тројца кошаркари и Канада лесно стигна до победата.
Дилон Брукс беше убедливо прво име на мечот, постигна 39 поени со 7 тројки од осум шута, додаде уште 4 скока и 5 асистенции за индекс 42. Се истакна и Шеј Гилџес Александер со 31 поен, 12 асистенции и 6 скока за индекс 40. Кај Американците, за кои не играа Банкеро, Инграм и Џексон, најефикасен беше Едвардс со 24 поени. Ова е второ Светско првенство по ред на кое САД не успеваат да освојат медал, но сепак отидоа неколку чекори понапред бидејќи во Кина пред четири години го освоија седмото место.