Сениорската репрезентативка на Македонија, Ања Начевска уште еднаш покажа зошто важи за еден од најголемите таленти во земјава и зошто на неа треба сериозно да се работи и да се смета во иднина.
Кошаркарката на Вардар апсолутно заслужено го освои МВП признанието на завршниот турнир од кадетското првенство, по двете блескави изданија, прво против МЗТ Скопје, а особено вечерва против Бадел. Во полуфиналето застана на 10 поени, но денеска беше нерешлива енигма за Бадел, постигнувајќи 26 поени и 10 скока за индекс 32, убедливо највисок на мечот.

Ова е нејзино второ вакво признание откако пред две години беше прогласена за МВП на завршниот турнир во пионерска конкуренција. Иако има 16 години, Ања Начевска е дел од поширокиот список на кошаркари во М18 репрезентацијата на Македонија која летово ќе настапи на Европското првенство Б-дивизија во Софија. Во тимот на Вардар е и нејзината сестра Мила Начевски која со 14 години е во кадетскиот состав на „црвено-црните“.