Еден од најголемите таленти во македонската кошарка, Андреј Андоноски во годинашниот плејоф доживеа целосна афирмација и покажа што и колку знае кога е на теренот.
Новиот тренер на МЗТ Скопје, Васко Атанасов имаше доверба во него и му даде поголема минутажа во разигрувањето за титулата, а тој врати на најдобар можен начин. Иако неколку е сениорски репрезентативец на Македонија, Андоноски оваа сезона имаше можност да види како изгледа вистинскиот професионализам и постојано да се работи со некои од најдобрите играчи во земјава. По завршувањето на натпреварувачката кампања, тој е презадоволен од постигнатото, но најавува дека најдоброто од него допрва треба да се очекува.
„Тешко е со еден збор да се опише чувството на освојување на тројна круна во дресот на МЗТ. Пресреќен сум, но ова е само почеток.
Голема чест ми беше секојдневно да тренирам и да се дружам со цела екипа. Од професионален аспект многу успеав да научам како од домашните играчи во екипата, така и од странците. За жал не успеавме да опстанеме во АБА лигата, но ги исполнивме очекувањата во домашното првенство.

Задоволен сум и горд на себе што успеав да помогнам да се стигне до јубилејна ’10-ка’ на МЗТ. Ова е само почеток и дополнителен мотив за секојдневна работа во периодот што следува“, вели Андоноски за КОШ.МК.
По подолго време, тој ќе има малку повеќе време за одмор бидејќи претходните години, по завршувањето на сезоната веднаш ги почнуваше подготовките со младинските репрезентации. И летово најверојатно ќе има обврски, сениорскиот тим ќе игра претквалификации за Олимписките игри, но тоа ќе се случува во август. Иако „ѕвезда во подем“ и веројатно иден носител на играта во репрезентацијата, 21-годишниот крилен играч е цврсто на земја и подготвен за она што следува.
„Чувството да се претставува својата татковина е неверојатно. Секогаш ми било и ќе ми биде големо задоволство да ги бранам боите на Македонија во иднина“, додава младиот кошаркар на МЗТ Скопје.