На пет дена пред почетокот на Европското првенство Б-дивизија што ќе се одржува во Скопје, ФИБА направи листа на кошаркари од кои се очекува да блеснат на шампионатот.
Меѓу нив е и македонскиот репрезентативец и член на Феникс, Андреј Митревски, еден од најталентираните кошаркари во земјава и од пред три години член на сениорскиот национален тим. Со оглед на тоа што првенството во Скопје ќе биде петто за него во младинска конкуренција, многу се очекува од Митревски како во поглед на македонската репрезентација, така и воопшто, на турнирот.
„Митревски е комбо бек кој поседува повеќе офанзивни способности и со тоа можност да придонесува за својот тим на повеќе начини. Комотно се снаоѓа во циркулација на топката и врши добра работа во однос на читање на играта, лесно пронаоѓајќи слободни играчи“, се вели, меѓу другото, во анализата на ФИБА.

Со оглед на тоа што во септември ќе наполни 20 години, за Митревски ова ќе биде последно младинско првенство, а на листата на кошаркари од кои многу се очекува на овој шампионат се наоѓаат уште: Килијан Грибен од Ирска, Феликс Бростром од Шведска, Ондреј Хуштак од Чешка, Олександр Кобзициј од Украина, Фред Паулс Багатскис од Летонија, Вијами Вартиаинен од Финска и Џејмс Оконкво од Велика Британија.
Европското првенство Б-дивизија се игра во Скопје од 7 до 16 јули, а Македонија е во група со Чешка, Словачка, Бугарија и Ирска. Пласман во нокаут фазата обезбедуваат првопласираните две екипи од секоја група.