АШАДАНОВ: Ова е суровата реалност

0Shares
0 0

Без Анџелика Митрашиновиќ, а против една од најдобрите светски репрезентации, веројатно Македонија не можеше да се надева на подобар исход од оние 41-112 вечерва во Леувен.

Нашата селекција нема толку искусни и квалитетни кошаркарки за да си дозволи отсуство на најдобрата, но такви беа условите пред овој „прозорец“ на ФИБА бидејќи Митрашиновиќ подолго време е надвор од теренот. Тоа го потенцира и селекторот на македонската репрезентација Александар Ашаданов во изјавата по натпреварот.

„Ова е некоја, би ја нарекол, сурова реалност. Игравме против еден, за нас, пресилен противник. Селекција која е одлично покриена на сите позиции, има одлична ротација, и која веројатно до крајот на квалификациите ќе ги добие сите натпревари, вклучително и наредниот со БиХ.

Евидентно е во нашата игра дека ни недостасуваше вистински организатор на играта. Се обидовме да го надополниме отуството на нашата најдобра кошаркарка. Но видливо беше дека тоа тешко ни оди. Без квалитетен плејмејкер, е двојно потешко и за другите. Немам замерки, Белгија е едно ниво над нас, и за нас останува да пронајдеме начин како да ја поправиме играта пред наредниот дуел, оној со Германија во Скопје“, рече Ашаданов.

0Shares
0 0