Васко Атанасов од денеска е најмладиот тренер во историјата на македонското првенство кој се закитил со шампионскиот трофеј.
Струмичанецот дојде до титулата со 29 години два месеца и за нешто повеќе од половина година го собори досегашниот рекорд што го држеше Емил Рајковиќ (29 години и 9 месеци) кој во 2008 година триумфираше со тогашниот Фени Индустри (сега Еуро Никел). Тие двајца се и единствените тренери од осамостојувањето кои до титулата дошле пред навршување 30 години.
Атанасов го презеде МЗТ Скопје како прв тренер минатиот месец кога Драган Николиќ доби отказ поради инцидентот на натпреварот против Кожув, во првиот меч од четвртфиналната серија. Иако најкратко беше на клупата како шеф на стручниот штаб, во однос на претходниците Николиќ и Александар Петровиќ, тој им беше асистент на двајцата, а интересно е тоа што и сега кога е тренер и претходно кога ги менуваше гореспомнатите, не доживеа ниеден пораз што значи дека несовладан дојде до шампионската титула.