Поранешниот шпански репрезентативец Серж Ибака најверојатно ќе се врати во европската кошарка, по 14 години во НБА лигата.
Одредени медиуми тврдат дека тој веќе потпишал едногодишен договор со Баерн, но од германскиот клуб се уште нема потврда за такво нешто. Сепак, јасно е дека Конгоанецот со шпански пасош е пред преселба во Минхен со што ќе стане едно од ѕвездените засилувања за Баерн и веројатно ќе оствари еден од трансферите на летото во Евролигата, заедно со оној на Кемба Вокер во Монако.
Главен „виновник“ за овој договор е шпанскиот стручњак Пабло Ласо кој летово го презеде Баерн и ѝ се врати на кошарката по пауза од една година. Ибака играше во НБА од 2009 година, седум сезони помина во Оклахома, една во Орландо, три во Торонто, две во Лос Анџелес Клиперс и една во Милвоки. Освои и една шампионска титула, со Репторс во 2019 година. Во 2011 година, два месеца помина во Реал Мадрид, за време на локаутот во НБА и тогаш тренер му беше токму Ласо.