Бајиќ го врати Бакоч во репрезентацијата

0Shares
0 0

Иако не беше на првичниот список, кошаркарот на МЗТ Скопје, Филип Бакоч дополнително е приклучен на националниот тим кој до 21 јули (ќе) се подготвува во Маврово.

Тоа е враќање на Бакоч во репрезентацијата бидејќи тој учествуваше во последната кација на „црвено-жолтите“, во квалификациите за Европското првенство, односно во „балонот“ што се одржа во февруари во Перм. Тогаш ја доби довербата од селекторот Александар Тодоров пред Љубомир Младеновски.

„Сакам да имаме уште посилен интензитет во оваа фаза од подготовките. И да имаме играч повеќе, особено во оваа уводна фаза од подготовките. Затоа одлучив дополнително да го повикам Филип Бакоч, кој треба да помага на оние крилни позиции во тимот, каде го очекуваме доаѓањето на Џејкоб Вајли.

Засега се оди според планот, играчите одлично ги прифатија сите принципи на работа на стручниот тим. Јас сум презадоволен од нивниот однос кон тренинзите. Во Маврово ќе работиме уште два дена, во среда се симнуваме во Скопје“, објасни селекторот Драган Бајиќ за интернет страницата на КФСМ.

Со оглед на тоа што има повеќе од три недели до почетокот на претквалификациите, рано е да се прогнозира дали Бакоч ќе се најде меѓу кошаркарите кои ќе добијат доверба од селекторот за дуелите со Словачка и Швајцарија.

0Shares
0 0