БАЈИЌ: Играчите добро знаат што значи да се игра за Македонија

0Shares
0 0

Селекторот на македонската репрезентација Драган Бајиќ се обидува да го тргне притисокот од кошаркарите пред почетокот на квалификациите за Светското првенство и дуелот против Шпанија на домашен терен.

Противникот не доаѓа со најсилниот состав бидејќи главните играчи настапуваат во НБА и Евролигата, но и оние што ќе играат се доволни квалитетни за да ја имаат фаворитската улога. За Македонија ова ќе биде прв натпревар во квалификации за Светско првенство и Бајиќ очекува максимално залагање од сите.

„Среќен сум што се наоѓаме во оваа фаза бидејќи знам низ што поминавме во претквалификациите, низ кои проблеми. Игравме без 9-10 играчи и оние што настапија завршија голема работа за да се најдат во ситуација да го пречекаат светскиот шампион.

И сега сме десеткувани, но знам дека кошаркарите ќе дадат се од себе. Задоволен сум од пристапот на играчите низ овие неколку тренинзи што успеавме да ги одработиме во обид да се подготвиме колку е можно подобро.

Не треба посебно да ги мотивирам, многу добро знаат што значи играњето за својата држава и како треба да се однесуваат кон дресот што го носат. Мое е да се обидам да ги доближам како екипа бидејќи имам доволно искуство во кариерата. Знам што значи шпанската кошарка, колку е квалитетна и тоа им го пренесов на играчите за што побрзо да се адаптираат на натпреварот кој следува.

Немаме некој резултатски притисок, но моја цел е да ги научам играчите на некои принципи и да се пласираме на некое од следните големи натпреварувања. Секоја чест на Шпанците, но јас реков неколку пати дека во кариерата и со послаби екипи сум победувал посилни екипи, па и сега влегувам со голема самодоверба и сакам и на играчите да им го пренесам тоа. Нема да биде лесно, Шпанија е стабилна селекција, без разлика на составот со кој ќе настапат, играат цврста кошарка и ние не смееме да си дозволиме да губиме многу топки, а со тоа и да примиме лесни поени.

Повеќе би ни одговарал бавен ритам. Квалитетот сигурно е на нивна страна, но пак ќе кажам дека не излегуваме со бело знаме“, рече селекторот.

0Shares
0 0