Барса детронизирана, Реал е нов шампион на Шпанија

0Shares
0 0

По пауза од три години, Реал ја освои шампионската титула во домашното првенство откако во финалната серија беше подобар од Барселона со 3-1.

Четвртиот меч беше одигран вечерва, а му припадна на мадридскиот тим со 81-74, за 36. трофеј во клупската историја. Со тоа Реал ја спаси сезоната која во февруари изгледаше пропадната бидејќи екипата се наоѓаше во тешка криза, загуби од Барса во финалето од Копа дел Реј и беше во серија од пет порази во меѓусебните дуели.

Триумфот на Реал дополнително добива на значење ако се знае дека е остварен без тренерот Пабло Ласо на клупата и со само еден пораз во целиот плејоф, претрпен во вториот меч од финалната серија против Барселона. Сезонава Реал ја завршува со два трофеја (Суперкуп на Шпанија и титула во АЦБ) со што е поуспешен од својот најголем ривал.

Кај „каталонците“ сликата е тотално спротивна бидејќи целата сезона е фрлена во вода поради лошиот финиш. Барса прво загуби од Реал во полуфиналето од Евролигата, потоа се мачеше во првите две рунди од плејофот за да биде тотално надиграна од Реал во финалето. Од четири трофеи за кои се бореше, Барса остана само со пехарот од Копа дел Реј што е премалку за амбициите на клубот и тренерот Шарунас Јасикевичиус.

0Shares
0 0