Актуелниот шпански шампион денеска ја извести јавноста дека еднострано го раскинал договорот со првата ѕвезда во екипата Никола Миротиќ.
Црногорецот со шпански пасош имаше обврски кон Барселона до 30 јуни 2025 година, но поради високиот договор и кратење на трошоците, „каталонците“ одлучија да ја прекинат соработката. За последните две години од договорот, Миротиќ требаше да добие 22 милиона евра, а Барселона ги известила и неговите застапници дека крилниот играч е слободен играч.
Сепак, со ова не завршува сагата околу Миротиќ, туку се чини дека допрва почнува. Мундо Депортиво тврди дека Барселона, всушност, го отпуштила својот кошаркар откако не успеала да се договори со неговите претставници за спогодбен раскин на договорот. Сега целиот случај најверојатно ќе оди на суд каде ќе се одлучува колку пари ќе добие Миротиќ за отпуштањето.
Миротиќ има 20 дена да поднесе жалба поради „неправедно отпуштање“ по што ќе се знае каков епилог ќе има целиот случај. Се чини дека Барселона свесно се решила на овој потег, а ваквиот развој на настаните е поврзан со фудбалскиот клуб. Тој мора да ги скрати трошоците, а претседателот на шпанската Ла Лига, Хавиер Тебас дозволи парите за раскин на договорите да не се сметаат како трошење од буџетот. Затоа се чини дека Миротиќ ќе си ги добие парите, а сепак нема да биде товар на клубот.