Никола Миротиќ наскоро ќе си замине од Барселона, но во редовите на шпанскиот шампион се очекува да дојде друг поранешен играч на Реал Мадрид.
Станува збор за репрезентативецот на актуелниот еврпски и светски шампион Вили Хернангомес за кого Барса минатата недела испрати понуда, а Реал, како сопственик на правата за него има рок до среда во 23:59 да ја израмни за да го врати во своите редови. Шпанските медиуми тврдат дека такво нешто нема да се случи бидејќи никој во Реал во моментов не размислува за МВП од ланското Европско првенство на кое Шпанија ја освои титулата. Приоритет на мадридскиот клуб е продолжувањето на соработката со Валтер Таварес кој побара повисока плата за да потпише нов договор имајќи предвид дека актуелниот му истекува идното лето.
Хернангомес неодамна го раскина договорот со Њу Орлеанс Пеликанс, а нема интерес од други франшизи за соработка со него. Барселона минатата недела официјално ја објави во јавноста понудата кон шпанскиот центар, но наведе само дека таа е за тригодишен договор, без да ја спомне сумата. Медиумите шпекулираат дека се работи за вкупно девет милиони евра.
Хернангомес е производ на школата на Реал, но во првиот тим на овој клуб со професионален договор помина само една сезона (2015/16), а претходно, од 2011 до 2013 играше како член на резервниот тим. Две сезони помина на позајмица во Севиља, а во 2016 година се пресели во НБА, во тимот на Њујорк Никс. Две години играше таму, потоа две во Шарлот Хорнетс и последните три во Њу Орлеанс.
Медиумите во Шпанија тврдат дека е можно во Барселона да дојде и братот на Вили, Хуанчо Хернангомес.