Репрезентацијата на Белгија влезе во историјата на европските првенства откако првпат во постоењето на ова натпреварување стигна до шампионската титула.
По бронзените медали во 2017 и 2021 година, Белгијките конечно стигнаа до долгоочекуваниот трофеј откако во денешното финале ја победија Шпанија со 64-58. Успехот дополнително добива на значење ако се знае дека на крајот од третата четвртина, „фуријата“ имаше предност од 10 разлика (48-38), но во последниот квартал, Белгија заигра одлична одбрана, на противникот му дозволи да постигне само 10 поени и со фантастичен пресврт дојде до победата и титулата.

Најефикасна на натпреварот, со 24 поени беше Ема Месеман која беше прогласена и за МВП на првенството. Бронзениот медал ѝ припадна на Франција која во „малото финале“ ја победи Унгарија со 82-68.
До титулата, Белгија дојде без пораз на Европското првенство каде најзначајниот резултат го оствари во четвртфиналето, совладувајќи го бранителот на титулата Србија со 93-53.