БОШАЛЕСКИ: ГКК Охрид ги надмина сите очекувања и амбиции за оваа сезона

0Shares
0 0

По пауза од четири години, Охрид повторно ќе има прволигаш и тоа во клубот кој е формиран пред само три години и за кого оваа сезона беше трета во системот на Кошаркарската федерација.

ГКК Охрид направи мало изненадување, прво елиминирајќи го Работнички кој основниот дел го заврши на второто место, а потоа и Соколи од Штип кои беа трети. Охриѓани го почнаа плејофот од седмата позиција и веројатно малкумина им даваа шанси дека ќе го остварат овој успех. Спортскиот директор на Охрид, Марјан Бошалески и порано учествуаше во успесите на клубовите од овој град, но како еден од идејните творци на оваа екипа, презадоволен е од она што се случи.

„Пред се, морам да кажам дека оваа екипа на Охрид не само што ги исполни, туку и ги надмина сите очекувања и амбиции, поставени пред почетокот на сезоната. Клубот е формиран пред три години, во првите две, целта беше да обезбедиме опстанок, оваа да се пласираме во плејофот, а можеби идната да се бориме за пласман во Првата лига. Сепак, тоа дојде порано од планираното, а начинот на кој дојдовме до овој успех може да се оцени како сензационален, имајќи предвид дека почнавме од седмото место.

На Охрид му одговараше системот на натпреварување и фактот што во плејофот немаа право на настап голем дел од кошаркарите на другите екипи кои настапуваа на двојна лиценца. Тоа, пред се, се однесува на Работнички со кого се сретнавме во четвртфиналето, а кој играше без своите двајца најдобри играчи (Петар Бошалески и Андреј Шошкиќ н.з.). Искрено, потајно посакувавме да играме против Работнички бидејќи го знаевме тој момент, имавме малку среќа на вториот меч кој го добивме со еден поен разлика, а кога го елиминиравме, ја пренесовме и предноста на домашниот терен против Соколи што можеби беше клучно за триумфот“, вели Бошалески за КОШ.МК.

Пред Охрид е финалето од Втората лига против Вардар кое ќе го одлучи шампионот во оваа конкуренција за сезонава, а потоа почнуваат плановите за дебитантската сезона во елитата.

„Сакаме прво да го одиграме финалето, па ќе почнеме сериозно да размислуваме за претстојната кампања. Во моментов можам да кажам дека планот е костурот на екипата да остане, ќе се обидеме да се засилиме со кошаркари кои се родени во охридското подрачје, а играат во други клубови низ Македонија и, евентуално, 2-3 странци. Подготовките сигурно ќе ги одработиме во Охрид затоа што располагаме со потребните капацитети и нема потреба да правиме трошоци. Не би требало да има промена ни на тренерската позиција, Тони Стојановски заслужува да остане бидејќи тој го избори пласманот во Првата лига.

Сепак, сето тоа во моментов е само начелно. По официјалниот крај на сезоната ќе седнеме со претставници на Општина Охрид која е сопственик на клубот и градоначалникот и ќе ги дефинираме работите. Најважно е да видиме со каков буџет ќе располагаме, па потоа ќе тргнеме кон реализација на замислите“, додава Бошалески.

За македонската кошарка, најважно е што на главната сцена се враќа еден центар, град кој е меѓу ретките од внатрешноста што може да се пофали со трофеј иако освoен пред 14 години. Оттогаш се сменија многу работи, пред се на полошо, но позитивно е тоа што кај охриѓани остана страста за кошарката и со нетрпение ќе ја очекуваат новата сезона во која покрај езерото ќе ги пречекаат најдобрите клубови во земјава.

фото: ГКК Охрид

0Shares
0 0