По сезоната полна со разочарувања и дебаклот од Црвена Звезда во полуфиналето од АБА лигата, Будуќност ќе ја дочека новата натпреварувачка кампања со зголемен буџет и уште поголеми амбиции.
Црногорските медиуми објавуваат дека најтрофејниот клуб во земјата ќе располага со пет милиони евра во обидот да им ги замрси сметките на гигантите од Белград и да се вмеша во борбата за шампионската титула во АБА, а со тоа и во битката за пласман во Евролигата.
„Буџетот ќе биде поголем бидејќи според претседателот на клубот Драган Бокан, на состанокот со градоначалникот Оливера Ињац, ветено е главниот град и неколку државни компании да финансираат 2,5 мииони евра што е половина од буџетот. Остатокот ќе го пополнат Бокан и другите членови на Управниот одбор“, пишуваат Црногорците.
Планирано беше на клупата да се врати Дејан Радоњиќ, но искусниот стручњак се повлече по револтот на навивачите, па екипата и натаму ќе ја води Петар Мијовиќ. Наскоро почнува склопувањето на тимот, а од досегашните играчи, нови договори ќе добијат Ерик Грин и Џеј Џеј Обрајан, а нови членови на тимот се Андрија Грбовиќ и Андрија Славковиќ.