Сакраменто Кингс е подготвен да му понуди 10 милиони долари по сезона на годинашниот МВП во Евролигата, Александар Везенков.
Франшизата од Калифорнија ги има правата на кошаркарот на Олимпијакос за НБА лигата и ако Везенков одлучи да замине во САД, ќе го облече дресот на Кингс. Раководството на неговиот сегашен клуб Олимпијакос изјави дека ќе направи се што е во негова моќ да гок задржи Бугаринот во своите редови, но тешко дека може да му парира на Сакраменто имајќи предвид дека понудата од Пиреја изнесува едвај два милиони евра годишно.
По одличните изданија во Евролигата и грчкото првенство, во Кингс сметаат дека Везенков е подготвен за НБА, а неговите настапи оваа сезона ги следаат потпретседателот Фил Џабур, генералниот менаџер Монте Мекнер и тренерот Мајк Браун.
Ако Везенков одлучи да ја прифати понудата од Калифорнија, ќе стане само вториот бугарски кошаркар во историјата кој заиграл во НБА лигата. Првиот е Георги Глушков кој во сезоната 1985/86 одигра 49 натпревари во дресот на Феникс Санс.