Третиот неуспех на Барселона на завршните турнири во Евролигата многу веројатно ќе предизвика смена на тренерската позиција иако тоа не се очекува да се случи веднаш, туку на крајот од сезоната.
Тим менаџерот Хуан Карлос Наваро пред два дена изјави дека одлуката за евентуалната разделба со Шарунас Јасикевичиус ќе биде донесена откако ќе заврши плејофот во домашното првенство, но медиумите во Шпанија веќе почнаа да шпекулираат околу тоа кој би можел да го замени Литванецот. Прв пик, според нив, е 50-годишниот каталонски стручњак Чави Пасквал.
Последните три сезони, Пасквал го предводи Зенит со кого лани ја освои титулата во ВТБ лигата, но во Барселона сметаат дека тој е вистинскиот човек да го врати клубот на шампионските патеки, нешто слично како Олимпијакос со Јоргос Барцокас. Пасквал има договор со Зенит на уште три сезони, но не е исклучено да добие дозвола да си замине по неуспехот во регионалното натпреварување оваа сезона во која го освои четвртото место. Пасквал веќе беше тренер на Барса од 2008 до 2016 година и со него е врзана последната титула на овој клуб во Евролигата, освоена во 2010. Неодамна тој се спомнуваше како прв фаворит за тренерската позиција во Анадолу Ефес, но сега главен кандидат за тоа е тренерот на Турк Телеком, Ердем Џан.
Договорот на Јасикевичиус истекува на крајот од сезоната, тој има шанса да го освои само уште шпанското првенство каде го обезбеди првото место пред почетокот на плејофот. Сепак, популарниот Шарас не ги оправда очекувањата, не триумфираше во Евролигата иако во трите сезони играше на Ф4. На прес-конференцијата по поразот од Реал во полуфиналето ја презеде вината, но не кажа дали ќе остане по завршувањето на сезоната.