Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација Александар Јончевски денеска откри дека нашиот национален тим ќе одигра два подготвителни дуели против Полска, но и Чесите, кои ни се противници во претквалификациите за Олимписките игри ќе имаат силни контроли.
Во план им е да одиграат вкупно пет меча, почнувајќи од среда, па до 6 август. Неделава, Чесите ќе учествуваат на турнир во Португалија каде ќе се сретнат со домаќинот, со Брегот на Слоновата Коска и со Јордан. Од 4 до 6 август, Чешка ќе биде домаќин на силен турнир кој ќе се одржи во Брно и на кој ќе учествуваат репрезентациите на Аргентина и Белгија. Најавено е дека Аргентинците ќе настапат во својот најсилен состав, со Кампацо, Вилдоса и останатите и тоа ќе биде добар тест за чешката репрезентација. Истото важи и за дуелот со Белгија која години наназад бележи подем во кошарката и има исклучително силна репрезентација.
Од списокот на официјалната интернет страница на Кошаркарската федерација на Чешка, може да се забележи дека во конкуренција за настап на овие претквалификации не се двете најголеми ѕвезди на оваа репрезентација, Јан Весели и Томаш Саторански, но селекторот Диего Окампо ќе го има на располагање единствениот Чех во НБА лигата во моментов, Вит Крејчи.
Чешка ќе биде последен противник на Македонија на претквалификацискиот турнир во Талин, а натпреварот е закажан за 15 август во 15 часот.