Освен што против Чешка, македонската репрезентација го почна својот настап на Европското првенство во Скопје, со селекцијата на оваа земја не врзуваат многу работи, почнувајќи од 2000 година, особено во младинските категории.
Главно имавме успеси иако еден пораз од Чесите пред четири години беше многу болен. Се почна во 2000 година, на Европското првенство во Охрид кога, генерацијата предводена од Владо Илиевски, против Чешка играше за избегнување на последното место и победи со 83-72.
Следниот важен дуел меѓу Македонија и Чешка се одигра во 2018 година, на Б-Европското кадетско (М16) првенство во Сараево. Во борбата за третото место, нашата репрезентација, со Александар Јованчев како селектор славеше со 84-66 и обезбеди пласман во А-дивизијата каде се наоѓа и во моментов.
Последниот дуел меѓу македонска и чешка репрезентација (пред сегашниот шампионат) се одигра на Европското јуниорско (М18) првенство во Орадеа во 2019 година. Тоа е единствен триумф на Чесите кои славеа со 89-80 откако претходно Македонија, со Тони Симиќ на селекторската функција, беше без пораз до полуфиналето. На крајот јуниорите го освоија четвртото место кое не носи во А-дивизија, но се покажа талично бидејќи лани, поради дисквалификацијата на Русија, сепак нашите јуниори административно добија место во елитната конкуренција и учествуваа на Европското првенство во Измир.
Сега повторно на патот ни стои Чешка која е единствена што ја совлада младинската репрезентација на Македонија на Европското првенство во Скопје. Овој меч носи и најголем влог – титулата на овој шампионат што би бил огромен успех за македонската селекција.