Репрезентацијата на Чешка е освојувач на титулата на Европското првенство Б-дивизија што се одржа во Скопје.
Во финалето, Чесите беа подобри од Македонија со 87-75 и апсолутно заслужено сгигнаа до шампионскиот трофеј. Вторпат на овој шампионат ја победија домашната селекција, а на патот до титулата претрпеа само еден пораз и тоа од Бугарија во второто коло, по продолжение.

И на денешниот натпревар ја покажаа својата надмоќ бидејќи безмалку во текот на сите 40 минути се наоѓаа во водство. Отворија со 14-4, Македонија врати со 9-0, а на крајот од воведната четвртина беше 20-16. Резултатската доминација на Чешка продолжи и во вториот квартал, противникот водеше со 31-21 и на полувреме имаше сериозни 35-26.

Сепак, тоа не ги поколеба нашите кошаркари кои во третата четвртина не само што ја стопија високата негатива, туку и поведоа со 48-46 по кошот на Теодор Симиќ. По 30 минути игра беше 52-52, а резултатски неизвесно (59-61) остана до четвртата минута од последната четвртина. Тогаш Чесите почнаа да погодуваат од далечина, до крајот реализираа пет тројки и го скршија отпорот на нашата селекција.
Теодор Симиќ беше убедливо најефикасен македонски кошаркар со 23 поени, но се истакнаа и Амар Хот со 17 скока и Марин Петков со 14 поени. На нашите репрезентативци не може да им се забележи апсолутно ништо, ја остварија првичната цел и се пласираа во А-дивизијата, како второпласирана селекција, па догодина ќе се борат со европската елита.