Од 6 до 10 септември, босанскиот прволигаш Игокеа ќе биде домаќин на силен меѓународен турнир, по повод 50-годишнината од основањето на клубот.
Покрај Игокеа, на турнирот ќе учествуваат уште Партизан, Турк Телеком, Галатасарај, Хапоел Ерусалим и ЦСКА Москва чиј тренер е македонскиот стручњак Емил Рајковиќ. Натпреварите ќе се играат во Лакташи и Бања Лука, а куриозитет е тоа што дел од нив ќе бидат организирани на отворено, односно на терените каде се одржува тенискиот турнир Српска Опен. Таму е планирано да биде и отворањето, на 6 септември од 20 часот со дуелот на кој ќе се сретнат Игокеа и ЦСКА.
„Секој ден ќе има по два натпревара, а многу учесници се изненадија што дел од дуелите ќе се играат на отворено. Ако временските услови не го дозволат тоа, подготвени сме веднаш да се преселиме во сала, а нарачавме паркет кој може да се демонтира за два часа и со тоа да се спречи негово уништување“, изјави генералниот менаџер на Игокеа, Игор Додик.
Планирано е специјален гостин на турнирот да биде кошаркарот на Денвер Нагетс, Никола Јокиќ до кого е испратена официјална покана. Овој турнир ќе биде важна проба за сите шест учесници во пресрет на почетокот на новата сезона.