Капитенот на МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски е задоволен од уште една успешна сезона за него и неговиот тим.
Клубот од Аеродром ја завршува кампањата со тројна круна откако триумфираше во Суперкупот, Купот и сега во првенството. Денешниот триумф против Пелистер беше десетти шампионски трофеј за МЗТ Скопје, сите освоени од 2012 година досега.
„Знаевме дека клучот за победа, особено на гостински терен е одбраната бидејќи Пелистер има одлични кошаркари како Маслинко, Стајиќ… Во домашното првенство ги оправдавме очекувањата, но сепак жалиме што не успеавме да опстанеме во АБА лигата каде имавме седум победи. Мислам дека во текот на сезоната имаше неколку натпревари кои требаше да ги добиеме бидејќи со нив ќе се спасевме. Се надевам дека претстојната сезона ќе се вратиме во елитната конкуренција и ќе ја презентираме Македонија во најдобро издание.
Мислам дека нашата земја има таленти и дека треба да се обрне внимание на младите играчи, да им се даде шанса бидејќи само така ќе имаме поголем квалитет, а со тоа и македонското првенство и репрезентацијата ќе се искачи на повисоко ниво“, изјави капитенот на МЗТ Скопје.