Претседателот на Кошаркарскиот сојуз на Србија, Предраг Даниловиќ ја изненади спортската јавност кај нашиот северен сосед со својата изјава за хрватскиот портал Индекс.
Иако е прв човек на српската кошарка, тој смета дека неговиот сонародник Никола Јокиќ не е најдобар европски кошаркар во историјата. Такви епитети беа употребувани последните недели откако Јокиќ на доминантен начин го однесе Денвер до титулата во НБА лигата, а минатите две сезони беше прогласуван за МВП на основниот дел од сезоната.
„Не мислам дека Јокиќ е најдобар кошаркар во историјата. Остро сум против какви било споредби на сегашните и минатите епохи. Секое време носи свои херои, некогаш тоа беше Кичановиќ, потоа Дражен, па Кукоч, па Дивац, па јас… Кошарката некогаш се играше поинаку, постоеја други правила и невозможно е да се прават такви споредби. Навистина не ме интересираат такви панаѓурски нагаѓања, но нема сомнение дека Никола е еден од најдобрите.
Не можам да дадам одговор кои се најдобрите петмина европски кошаркари во историјата. Кошарката не почна со независноста на Хрватска, Словенија или Србија. Имаше толку фантастични што нема потреба некого да извдојуваме и да го ставаме на прво, второ или трето место“, смета Даниловиќ.
Слична изјава во анкетата на Индекс има и прославениот стручњак Душко Вујошевиќ кој не крие дека е воодушевен од она што го прави Јокиќ, но не би сакал да учествува во претераната кампања на фалење на кошаркарот на Денвер. Тој оди чекор подалеку и се смета за виновен што Јокиќ поминал под неговиот радар и не го забележал неговиот потенцијал додека Никола играше во Србија, во тимот на Мега. Во тој период (2012-2015 година) Вујошевиќ беше тренер на Партизан, но признава дека во ниеден момент не „фрлил око“ на Јокиќ.