Петтото коло од Евролигата носи два исклучително важни дуела и двата ќе се одиграат во ист ден, во растојаните од нешто повеќе од два часа.
Од 18:30 часот во белградската Арена се среќаваат најквалитетните српски клубови Партизан и Црвена Звезда во првата од двете пресметки во период од четири дена. И едните и другите се наоѓаат во серија лоши резултати во Евролигата и биланс 1/3 со тоа што Партизан во АБА лигата доживеа пораз од Мега, а Звезда направи тренерска смена и на местото на Душко Ивановиќ го донесе Јанис Сферопулос.

Минатата сезона Партизан и Звезда два пати се сретнаа во Евролигата и интересно е тоа што на двата меча триумфираа гостинските екипи. Победата на Партизан во вториот меч, одигран во јануари ја сврте сезоната за „црно-белите“ кои потоа направија серија добри резултати и се пласираа во плејофот. Двете екипи денеска се десеткувани, за Партизан нема да игра Матеуш Понитка, а кај Звезда ќе ги нема капитенот Бранко Лазиќ и Немања Недовиќ. Меѓу другото, може да се очекува вечерва повторно да биде соборен рекордот на Евролигата по бројот на гледачи на еден натпревар.
По завршувањето на дуелот во Белград, следува шпанското Ел Класико, третиот дуел меѓу Реал и Барселона оваа сезона, прво во Мадрид. Европскиот шампион во овој меч влегува без пораз оваа сезона и со биланс 12/0 сметајќи ги сите натпреварувања, а во оваа серија се вклучени и двете победи против Барса, една во Суперкупот и една во првенството. И „каталонците“ ја кренаа формата, во моментов се во низа од седум победи (четири од нив во Евролигата), а единствените два пораза сезонава во сите натпреварувања ги претрпе токму од Реал што го прави мадридскиот тим фаворит вечерва.