Денови на одлука во Евролигата, „виси“ и Реал

0Shares
0 0

Денеска и утре се игра последното коло од основниот дел на Евролигата, а пред него, извесно е само дека Барселона ќе заврши како првопласирана, а ЦСКА и Анадолу Ефес ќе имаат предност на домашен терен во четвртфиналето.

Дилема е четвртото место, како и последните два учесника во нокаут фазата. За четвртата позиција се борат три екипи со ист биланс (20/13): Армани, Фенербахче и Баерн. На Армани му треба каква било победа, но на гости му доаѓа незгодниот Ефес. Тешка задача ќе има и Фенербахче кој го пречекува Реал на кого му гори под нозе и можно е, во најцрното сценарио, да остане без четвртфинале.

Токму битката за седмата и осмата позиција ќе биде многу поинтересна бидејќи за двете места се борат четири екипи: Реал (19/14), Зенит (18/14), Валенсија и Басконија (18/15). На Реал му е потребна победа во Истанбул или пораз од Зенит во еден од двата натпревара (Русите имаат еден заостанат меч, против Панатинаикос) кој ќе го играат в понеделник. Валесија и Басконија играат меѓу себе во последното коло, но зависат од резултатите на Реал и Зенит.

Судбината на Валенсија ја очекуваат и екипите од Еврокупот бидејќи ако шпанскиот првак од 2017 година се пласира во четвртфиналето, тогаш од Еврокупот во Евролигата ќе оди само освојувачот на титулата во тоа натпреварување, а не и вториот финалист.

0Shares
0 0