Големото финале во НБА почнува вечерва, во 2:30 часот по полноќ, со протагонисти за кои пред почетокот на сезоната, веројатно никој не веруваше дека ќе се сретнат во серијата за титулата.
Можеби за Денвер некој и помислуваше дека е време да стигне дотука, но Мајами е апсолутна сензација. И едната и другата екипа, сосема заслужено се во големото финале бидејќи прикажаа најмногу во плејофот и ги имаат најдобрите двајца кошаркари во разигрувањето за трофејот – Никола Јокиќ и Џими Батлер.

Првиот поглед на двата противника вели дека Денвер има подобра екипа, поширока ротација, незапирливо напаѓачко оружје во играта на Јокиќ и Мареј, поодморен е, покомплетен и има предност на домашен терен. Логиката вели дека Нагетс се апсолутни фаворити, но исто беа и Милвоки и Бостон, па Мајами ги прати предвреме на годишен одмор и дојде до последната фаза од сезоната. Тимот од Флорида е можеби најнетипичен финалист во историјата бидејќи во својот состав има играчи за кои до лани никој не знаеше, а сепак сите епизодисти блеснаа барем по еднаш во овој плејоф.

Додека Мајами до пред три дена стравуваше дали воопшто ќе стигне до големото финале и епската пресметка со Денвер, Нагетс имаа повеќе од една недела да ги санираат раните, да се освежат и да се подготват за потенцијалниот противник. Единствената маана за нив е тоа што се подолго без меч од натпреварувачки карактер, па затоа вечерва е и најголемата шанса на Мајами да дојде до брејк, односно да го фати големиот ривал на „спиење“. Денвер во овој плејоф има биланс 8-0 и дури пет натпревари помалку од ривалот кој разигрувањето за титулата го почна преку плејинот каде одигра два меча, Не смее да се заборави и тоа дека Денвер е во серија од шест победи против Мајами кој последен пат во меѓусебен дуел славеше во „балонот“ во Орландо во 2020 година.
Без разлика на фаворитската улога на Денвер, апсолутно никој не смее да го отпише Мајами и неговата „култура“ под водство на Ерик Сполстра кој веќе 15 години е на клупата. Засега Хит стана втора екипа која до финалето стигна како осми носител, по Њујорк Никс во 1999 година, а сега може да стане прва која ќе отиде до крајот. Никој не им дава сериозни шанси на кошаркарите од Флорида, освен тие самите, но досега тоа им беше доволно.