ДЕРВИШЕВИЌ: Главната цел на Феникс останува иста – создавање кошаркари!

0Shares
0 0

Сезоната во македонската кошарка која неодамна заврши, ја одбележаа неколку работи меѓу кои и дебитантот во елитната конкуренција Феникс.

Тимот кому пред сезоната сите му предвидуваа сигурно испаѓање, не само што обезбеди опстанок, туку играше и во Суперлигата, до две кола пред крајот имаше шанси за пласман во плејофот, а во основниот дел од првенството ги победи сите кандидати за титулата, вклучувајќи го и шампионот МЗТ Скопје. Покрај сето тоа, Феникс стана еден од најважните извори на репрезентативци бидејќи летово клубот дава шестмина во младинските и двајца во сениорската селекција.

На такви резултати може само да се честита, а за доброто на кошарката во земјава е да има што повеќе вакви приказни. И првиот човек на клубот Денис Дервишевиќ смета дека постигнатото во првата сезона во елитната конкуренција е извонредно.

„Презадоволен сум од оствареното. Не може некој да каже дека ова не е супер сезона за еден дебитант кој настапува со грото млади кошаркари. Тие се момци од по 18 години без искуство за сериозна кошарка и мислам дека баш тоа ја прави нашата приказна посебна. Не е лесно и затоа никој друг не се нафаќа на тоа, но ете ако не пробате, а притоа дадете се од себе никогаш нема да знаете“, вели Дервишевиќ.

Очекувавте ли ваков успех пред почетокот на сезоната и што мислевте дека е ваша крајна цел?

„Поголемиот дел од играчите се во клубот веќе подолго време или поминале низ него во минатото и го знаев нивниот потенцијал. Знаев дека може да се надеваме за повеќе од опстанок, но како дебитант во лигата целта ни беше да се најдеме меѓу најдобрите и следната сезона. Добро ги селектиравме и странците и како што одминуваше сезоната видовме дека брзо ќе ја надминеме првичната цел, па поставивме граница да се пласираме во Суперлигата.

Бевме блиску во регуларниот дел, но ете на крајот испадна како што посакувавме и заигравме меѓу најдобрите, па ги исполнивме двете цели во тој натпреварувачки дел. Исто како и целта да продолжиме да создаваме прволигашки кошаркари што беше случајот со Андреј, Амар, Марин… Затоа, со задоволство можам да кажам дека сме 3/3 оваа сезона.

Заслугата за сето ова не е само на еден човек. Ништо од ова немаше да се случи без помошникот Дамјан Саздов и кондицискиот тренер Мартин Мојсовски кои имаат голем придонес во сите резултати на Феникс.“

Кога ќе се направи една подлабока анализа, кои се причините за големиот успех?

„Макотрпната работа, вложениот труд и посветеноста на сите во клубот. Поминавме многу во овие десет месеци и само ние знаеме колку вложивме за да дојдеме до тука.

Од лепење траки по паркетот за поедноставување на одбрана до се останато. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на цел стручен штаб за фантастичната сезона. Без единство немаше да бидеме сензација на сезоната.“

Со искуството од првата сезона во елитата, како ќе го комбинирате тимот за новата сезона? Дали костурот повторно ќе го сочинуваат младите кошаркари или ќе одите на искуство?

„Феникс како клуб останува на првичната цел за создавање кошаркари. Тоа беше планот од првиот ден и ќе остане до последниот. Во клубот остануваат младите кошакари, го задржавме и Бојан Трајковски и тимот повторно ќе биде спој на младост и искуство.

Ќе ангажираме повторно странци, но повторно истите ќе ги селектираме за да се вклопат во ростерот, а не тој да зависи од нив.“

Феникс е еден од најголемите производители на млади кошаркари во земјава. Ќе бидат ли вклучени и други играчи од школата во првиот тим?

„Како што кажав, целта е да создаваме млади кошаркари и настапот во прволигашка конкуренција е клучно за тоа. Тука можат да видат до каде се во напредокот, колку им фали и на што треба да работат, но тоа не значи дека ќе даваме минути туку така.

Младите треба да работат напорно на тренинзите, постојано да докажуваат дека заслужуваат место меѓу првотимците па потоа ќе добијат шанса.“

Кој е рецептот за успех на Феникс, не само во првиот тим, туку воопшто во клубот?

„Рецептот за успех е: сакајте ја работата, работете макотрпно и никогаш не се откажувајте. Има многу падови и подеми, но кога вложувате во знаење постојано напредувате и резултатот сам ќе си дојде. Сите кои се дел од клубот го негуваат тој постулат и затоа ги имаме тие резултати. На крај само два збора: Тоа е!!!“

фото: КК Феникс

0Shares
0 0