ДЕРВИШЕВИЌ: Се чувствува неиграњето на најискусните, но ќе се бориме до крај

0Shares
0 0

Феникс има дебитантска сезона во елитата за паметење, со малку среќа се пласира во Суперлигата и е најпријатно изненадување и освежување во македонската кошарка оваа сезона.

Освен што забележа фантастични резултати, промовира голем број млади и перспективни кошаркари кои во иднина треба да бидат носители на играта и на екипата и на македонските селекции. На три кола пред крајот на Суперлигата, Феникс се уште има шанси за плејофот иако проблемите со повредени играчи ја направија мисијата исклучително тешка.

„Речиси цела Суперлига ја одигравме без најискусниот во тимот Бојан Трајковски кој настапи само во првото коло, а потоа беше во ‘аут’ поради повреда на рамото. На последните натпревари не можеме да сметаме ниту на Милан Димитриески, вториот највозрасен во тимот кој е исто така повреден, па товарот паѓа на голобради момчиња од кои дел се едвај полнолетни.

Против МЗТ Скопје вечерва ќе играме со еден кошаркар на 22-годишна возраст, двајца на 20, двајца на 19 и двајца на 18 години, плус ќе мораме да повлечеме неколку играчи од младинскиот погон, односно од М16 екипата.

И покрај се, ние ќе се бориме за пласман во плејофот се додека имаме шанси за тоа. Ни претстојат натпревари со МЗТ Скопје, ТФТ и Еуро Никел на кои ќе играме како и на претходните дуели, максимално одговорно и борбено“, изјави за КОШ.МК, тренерот на Феникс, Денис Дервишевиќ.

Без оглед на тоа дали ќе успее, Феникс веќе ги оствари, па дури и ги надмина своите амбиции и веќе ги прави своите планови за идната натпреварувачка кампања во која и клубот, а и играчите ќе влезат со една година огромно искуство во елитната конкуренција.

0Shares
0 0