Македонскиот шампион со забрзано темпо продолжува со склопувањето на ростерот во пресрет на новата сезона во која ќе ја брани двојната круна во домашната кошарка и ќе се обиде да се врати во АБА лигата.
Нови играчи на МЗТ Скопје се Србинот, Душан Танасковиќ и Хрватот, Марко Баковиќ, кошаркари кои најдобро се снаоѓаат под кошевите, односно на позициите 4 и 5. За Баковиќ, КОШ.МК веќе најави минатата недела дека ќе дојде во Аеродром, а за 22-годишниот Танасковиќ ова ќе биде прво искуство како интернационалец во кариерата.

Двајцата имаат солидно педигре и се очекува да бидат добри засилувања за МЗТ Скопје. Баковиќ доаѓа од шпанскиот второлигаш Љеида, но претходно играше и за Цибона, како и за клубови во Италија, Исланд и БиХ каде што е роден. Танасковиќ е дел од школата на Партизан, но три сезони играше во филијалите на овој клуб Младост Земун и Дунав, а лани се пресели во Игокеа. Како играч на Партизан, 2019 година освои Куп на Србија.
Баковиќ и Танасковиќ се први странски засилувања за МЗТ Скопје откако клубот веќе потврди петмина домашни играчи: Војдан и Дамјан Стојановски, Андреј Андоноски и новаците Марин Петков и Марко Миловановиќ.