Детонирана „бомбата“ во Каталонија, Пау Гасол се врати во Барса!

0Shares
0 0

Она што се најавуваше изминатиот период, сега е и официјално – Пау Гасол се врати во редовите на Барселона!

Шпанскиот ветеран по цели 20 години повторно ќе го носи дресот на каталонскиот гигант, а за својот поранешен клуб, каде играше во периодот од 1999 до 2001, ќе настапува до 30 јуни оваа година.

Гасол на свои 40 години се враќа во својот роден град и повторно ќе игра во Евролигата. На искусниот центар му беше неопходно да најде клуб со цел да се избори за место во репрезентацијата, бидејќи селекторот на Шпанија, Серџо Скариоло, изјави дека во Токио нема да одат играчи кои немаат стандардна минутажа. Ваквиот развој на настаните беше најавен од страна на каталонските медиуми пред неколку денови.

Барселона добива колосално засилување, но на Гасол ќе му треба време за да ја најде својата форма, со оглед на тоа дека последен пат играше во сезоната 2018/19 кога собра само три настапи за Милвоки Бакс.

Во својата кариера, Пау Гасол со Барселона ги освои сите домашни трофеи, додека во НБА лигата, каде мина 18 сезони, два пати беше шампион со Лос Анџелес Лејкерс. Беше прогласен и за руки на годината во 2002, шест пати беше дел од Ол Стар натпреварот. Со шпанската репрезентација се искачи и на европскиот и на светскиот трон, а со оглед на тоа дека неговата желба да настапи на Олимписките игри беше огромна, овој потег беше и сосема очекуван.

0Shares
0 0