Екипата на Жалгирис дојде до вториот триумф сезонава во Евролигата, а во исто време ѝ го нанесе првиот пораз на Црвена Звезда.
Литванскиот првак славеше со 79-74 во меч кој имаше исклучително интересен финиш затоа што домаќинот со пресврт дојде до победата. Звезда водеше со 9 разлика на стартот од последната четвртина пред Жалгирис да направи серија од 13-0 и во завршните минути да влезе со предност. Откако го загуби водството, Звезда падна во психолошка криза и не искористи неколку напади со кои можеше да дојде барем до продолжение.

Роландс Шмитс со 18 и Едгарас Улановас со 16 поени беа најефикасни во тимот на Жалгирис. Кај Звезда, Митровиќ и Теодосиќ беа единствени со двоцифрен ефект. Начинот на кој Звезда го загуби овој натпревар беше многу сличен на поразите од истиот ривал во претходните две сезони во Каунас во дуелите кои, исто така, завршија со победа Жалгирис со пет поени разлика.
На сличен начин како Жалгирис, до победа дојде и Барселона на гостувањето кај Олимпијакос. „Каталонците“ триумфираа со 77-68 иако на пет минути пред крајот имаа негатива од 59-66. Во завршницата Барса направи 18-2 и на тој начин дојде до втората победа сезонава во Евролигата.