Покрај младите играчи со кои Феникс секогаш се гордеел, во екипата има неколку „стари волци“ со големо искуство во домашната кошарка, од кои се очекува да „загризат“ кога е најпотребно.
Меѓу нив и Ивица Димчевски, член на легендата генерацијата на македонската репрезентација од 2011 година кој е еден од носителите на играта на тимот од Гази Баба. Присутен во Првата лига повеќе од 15 години, Димчевски знае како се освојуваат трофеи иако се уште го чека првиот во Суперкупот. Пред вечерашниот дуел со МЗТ Скопје, 34-годишниот шутер верува дека е можно Феникс да ја прекине серијата на противникот и на фантастичен начин да ја почне новата сезона.
„Јасно е дека МЗТ Скопје е фаворит, но натпреварите со овој тим секогаш се поголем предизвик за нас. За разлика од финалето во Купот, сега многу работи се непознати, двете екипи имаат многу промени во составите и тоа може да биде еден од одлучувачките фактори.
Феникс секогаш игра добро против МЗТ и генерално против фаворитите, никогаш не се предавал, а верувам дека денеска ќе имаме голема поддршка и од трибините и ќе успееме да направиме изненадување. Пред нас е возбудлива сезона во која ќе играме и на меѓународна сцена и би било фантастично кога би ја почнале со победа и трофеј“, изјави Димчевски за КОШ.МК.