Петтиот пораз во седмиот натпревар оваа сезона ќе биде кобен за Димитар Мираковски кој вечерва, по се изгледа, го заврши својот престој во Работнички.
Како што неофицијално дознава КОШ.МК, струмичанецот веќе се пакува по дебаклот што неговиот тим го доживеа во „вечното дерби“ против МЗТ Скопје, а на почетокот од новата работа недела ќе биде познат неговиот наследник. Мираковски не го искористи потенцијалот што го имаше Работнички, бројните засилувања и финансиската стабилизација и не успеа да направи респектабилен колектив.
Минатата недела се спаси од отказ по поразот од Чаир, се спаси и претходно кога не оствари ниедна победа во квалификациите за ФИБА Европа купот, но биланс 2/2 по четири кола е неприфатлив за тим како Работнички. Мираковски беше тренер на Работнички три полни сезони, плус два месеца од оваа. Во нив не само што не успеа да освои ништо, туку доживеа неколку дебакли кои уште долго ќе се памтат.