Најдобрите двајца македонски репрезентативци Ненад Димитријевиќ и Ти Џеј Шортс изразиле расположение да настапат во олимписките претквалификации што ќе се одржат во август во Талин.
Селекторот Александар Јончевски имаше средба со Димитријевиќ, а телефонски контактирал и со Американецот со македонски пасош и двајцата потврдиле дека ќе му се стават на располагање. Единствен проблем, односно единствена можност, сепак, да го пропуштат турнирот, би можел да претставува фактот што двајцата се во потрага по нов клуб, па постои „опасност“ од евентуална забрана или препорака да не се јават на поканата, но и за тоа се мали можностите.
Интересно е тоа што ова ќе биде прва можност за нив двајца да заиграат заедно во репрезентацијата. Шортс доби македонско државјанство во ноември минатата година кога Димитријевиќ веќе беше член на Уникс и не доби дозвола да му се приклучи на националниот тим. Претходно, Нено учествуваше во августовскиот прозорец од претквалификациите за Европското првенство во 2025 година и имаше огромен придонес во победите против Данска и Словачка кои ни ги отворија вратите кон главните квалификации.

Освен нив, Јончевски ќе го има и Андреј Јакимовски, уште еден исклучително значаен играч во македонската репрезентација кој последните две години се промовира во еден од носителите на играта. Во август, тој се уште нема да биде заминат за САД и може да учествува во претквалификациите за Олимписките игри во Париз идната година. Во оваа репрезентативна акција, сигурно нема да учествува Бојан Крстевски и тоа од семејни причини.
Селекторот планира во овој циклус да направи мали промени во составот и да ја подмлади екипата со цел да види каков е потенцијалот на останатите кошаркари на кои ќе треба да се смета претстојните години. Шанса треба да добијат некои од играчите во младинските репрезентации од кои во иднина се очекува да бидат носители на националниот тим.
Претквалификациите за Олимписките игри се на програмата од 12 до 20 август, а Македонија е во групата во Талин, заедно со домаќинот Естонија, потоа Израел и Чешка. Првопласираните две репрезентации продолжуваат во полуфиналето и вкрстуваат со групата Б во Полска, каде освен домаќинот, учествуваат уште Португалија, Унгарија и БиХ.